ОУ Страшо Пинџур

Дејноста образование во Вевчани се одвива во Општинското Основно Училиште "Страшо Пинџур". Опфаќа 250 законски обврзници и 30 вработени. Официјално, основното образование започна во 1835 година.

Во 1834 година, Вевчани се изборило за дозвола од турските власти за изградба на црква и отворање црковно училиште. Работело во ајатите на Долна црква. Првите учители требало децата да ги учат на грчки јазик, но ја користеле само грчката азбука, а со децата работеле на народен македонски јазик. Биле плаќани во натура од самото население, најчесто со жито.

Во 1868 година изградена е училишна зграда во дворот на Црквата "Свети Никола" (две поголеми училници и една канцеларија).

Вевчани кон крајот на XIX век станува се поинтересна зона на сите пропаганди (грчка, српска, бугарска), а училиштето - најсилно средство со кое треба да се однародува, денационализира и очисти македонското, најмилото, од детското срце.

Така и јазикот во вевчанското училиште се менувал:

- Од грчки на бугарски во шеесеттите години од 19 век

- Во 1896 година се учело на српски јазик

- Од 1897 до 1909 година на бугарски јазик

- До 1941 година српски јазик

Интересно е да се забележи и податокот дека во учебната 1890/91 година во Вевчани до 1898/99 година работи женското училиште "Надежда".

А од 1890 до 1909 година во Вевчани работи и забавиште. Во учебната 1902/03 година е направен обид за гимназиско образование во Вевчани. Се запишале 4 ученици кои го завршиле првиот клас и ги изучувале наставните предмети: божји закон, народен јазик, француски јазик, турски јазик, аритеметика, геометрија, географија, општа историја, зоологија, пеење, цртање, краснопис и фискултура.

Многу учители во вевчанското училиште во овој период отстапувале од пропагандните цели за кои биле поставени и делувале како апостоли во будење на културното и националното осознавање и просветно издигнување на населението (Аргир Маринов, Клија Самарџиева, Деспина Василева).

Мешовитото егзархиско училиште "Свети Спас" од програмски и педагошки аспект било добро организирано, со наставен план, наставна програма, а црковно - училишниот одбор се грижел за сите училишни проблеми и воопшто за работата на училиштето.

Од 1980 година до 1909 година учителите се исклучиво од Вевчани. Училишната зграда станува претесна за учениците, затоа се учело и во "магазата" на Ставре Попоски. Тоа било причина Вевчани во 1931 година да изгради нова училишна зграда (денешната зграда на Здравствениот дом) која за време на војната е опустошена и онеспособена да ја обавува својата функција подоцна во слободата.

Во октомври 1944 година - слободен македонски збор, писмо и песна во вевчанското училиште, но повторно во црковната стара школа и приватна стара куќа.

Во февруари 1945 година го добива името на народниот херој - Страшо Пинџур.

Во 1947 и 1948 година, вевчанци со свои средства и доброволна работна рака повторно им изградија велелепна училишна зграда на своите деца.

И денес наставата се одвива во тој објект кој и покрај постојаната грижа на учителите да го оддржуваат, реновираат - откажува и претставува опасност за безбедноста на сите учесници во процесот на настава, а просторната ограниченост ја кочи дејноста што отсекогаш била света за луѓето во Вевчани. Го кочи стремежот за одот напред - редовно присутен во Вевчанското училиште, кое:

- во 1957/58 учебна година како едно од петте експериментални училишта во Македонија за реформирана настава ја добива првата републичка награда;

-во учебната 1985/86 година добива (општинска) Осмоноемвриска награда;

-во учебната 1992/93 година е прогласено за најдобро основно училиште во Македонија, од страна на Синдикатот на просветните работници, а по предлог на Педагошкиот завод на Македонија.

Успесите, растежот на училиштето во Вевчани е незапирлив и безграничен процес. Секоја учебна година се поставува цел - што треба да се постигне и на кој начин.

Стратегијата на училиштето е создавање на ефикасно модерно училиште, со:

- ученикот како централна точка ставен во активна позиција и со почитување на индивидуалните разлики;

- наставникот како планер, дизајнер, осмислувач на воспитно - образовниот процес;

- целосна компјутеризација на наставата;

- со валоризација на воспитната функција;

- со истражувачки проекти;

- со влез на иновации;

- со отворени врати за родителите;

Примената на современи наставни форми и методи резултира трајни, применливи знаења кај учениците кои без ислучок со успех го продолжуваат и завршуваат средното училиште, а потоа многумина и факултети. Образовани, трудољубиви и чесни, му се враќаат на Вевчани, способни со своите знаења со сигурност да чекорат во животот и да ги решат проблемите на кои наидуваат.

Десетици и десетици лекари, инженери, професори и разни други високообразовни профили се гордоста на ова училиште што им ги поставило здравите темели за креативност, индивидуална надградба и високи морални вредности.

Контакт информации:

ОУ„Страшо Пинџур“ Вевчани  

Директор:  Г-дин Марјан Костојчиноски

Адреса: 6335 Вевчани

Телефон: 046/ 798-279

е-маил: oustrasopindzur@ymail.com