Индивидуални уметници
АНАСТАС ЌУШКОСКИ - драмски автор, поет, сценарист, режисер, истражувач и пасиониран фотограф
Анастас Ќушкоски е роден на 31.10.1942 година во Вевчани каде што и живее. Има завршено Економски факултет во Прилеп. Неговиот творечки опус е богат и разновиден. Со пишување на поезија започнал уште како ученик во осумгодишното училиште. Песни објавувал во “Народна задруга“ и други весници, а некои од нив се поместени во збирката “Село распеано“(“Народна задруга“ - Скопје,1959).Песни за возрасни има објавувано во периодиката и тоа во весниците:“Нова Македонија“(“Лик), Република (“Лоза“), списанието “Стожер“, “Портал“ и други. До сега има објавено четири збирки на поезија за возрасни и тоа:“Архетип на болката“(2003), “Небесен храм“(2003), “Последниот бој“(2006) и “Живожарица“(2010). Застапен е во неколку антологии и избори.
На пошироката јавност и е познат како драмски автор кој објавил 13 драмски текстови во две книги и тоа:“Извор и краста“, “Потоп“, “Боговите не се на небо“ и “Силјан штркот се враќа во базата“ - објавени во книгата “Синидилија“ (“Наша книга- Скопје, 1991), потоа, “Плач во гробот“, “Распаќе“, “Американец во мисија“, Враќање на светците“, “Ѕверката што го улови ловецот“, “Пресуда“, “Богот фалус на обвинителна клупа“, “Жеголач“ и “Озрачени“ во книгата “Драми“ (ДНУ-Битола, 1998). Фарсата “Силјан штркот се враќа во базата“ е печатена во списанието “Културен живот“(Скопје, 7-8/1987). Покрај овие објавените ги има напишано и следните драмски текстови:“Зона на черепите“,“Мрежа од свилен конец“, “Молитва“ и три други текстови врз сопствена поезија. Освен нив, ги има напишано и монодрамата “Гласот на коренот“, потоа сценската игра “Шенголка“, ТВ сценариајта за документарните филмови “Писмо“(ТВ Скопје,1990), “Мрави и склавови“, “Неврат“(МТВ-Скопје, 200), “Разбојот на Љубица“, “Старата архитектура на Дримкол“, “Спасица вишенска-маченица и светица“ и “Свадбените обичаи во Лабуништа“(ТВ Спектра2002 и 2005) како и други сценарија за ТВ и радио емисии.
По мотиви на текстови од други автори ги напишал и сценаријата: “Огнена“ - според поезијата на Анте Поповски, “Пеколен рај“ - според “Гркот Зорбас“ од Никос Казаниакис и “ Сенката на лилјакот“ - според истоимениот роман од Крсте Чачански. Освен со пишување на драмски тесктови тој се јавува и како режисер во Патувачкиот театар “Поклони се и падни“ од Вевчани, при што реализирал повеќе драмски проекти. На овој план постигнал забележителен успех и се здобил со повеќе награди и признанија меѓу кои, како автор и режисер на преставата “Извор и Краста“ награден е за нови иницијативи во негувањето на контактот со традициите во македонскиот театар (РАДС-Кочани, 1983), пофалуван е за преставата “Потоп“, за идеја и постановка (РАДС, 1984) како и за преставата “Боговите не се на небо“ за негување на жанрот на кабаретскиот театар (РАДС, 1985). Истата претстава ја претставуваше Република Македонија на “Деновите на театарот на младите во Мостар, 1985 година, а претставата “Силјан штркот се враќа во базата“ беше изведена на Млад отворен театар (МОТ- Скопје, 1986).
Освен ангажманот на литературен план, неговиот творечки дух се обидел и во други сфери на уметноста. При тоа, тој илустрирал десеттина книги збирки на поезија, објавил преку стотина карикатури и афоризми во повеќе весници и списанија, а исто така објавува и сатирични текстови. Како резултат на нив во 2006 година објави ЦД под наслов “Хорорскоп“ со афоризми и сатирични маски од Вевчанскиот карневал. Негова преокупација е уметничката фотографија. Досега приредил 20 самостојни тематски изложби на уметничка фотографија меѓу кои : "Вевчани низ објективот на Анастас Ќушкоски", "Карневалот во Вевчани", "Метафорика", "Старата архитектура на Дримкол"","Лазурна рапсодија", "Вертикали и премини", "Женски маски од Вевчанскиот карневал" и други. Учествувал на повеќе групни и меѓународни изложби зашто добил неколку признанија.
Со свои остварувања има учествувано и на сите позначајни републички и сојузни фестивали на просторот од поранешна Југославија, меѓу кои: РФАФ и ОСФАФ - Скопје, “Жисел“ - Омољица, ФАДФ - Марибор, ФФФ - Ѓаково и други.
Позначајни авторски остварувања му се: “Карневал“(награда од “Студенстски збор“, II. ОСФАФ, 1971), “ Прстен“, “Бачило“,“Губилиште“ (анимиран), “Своз 81“ (награда на ревијата “Екран“ и специјална диплома за стимулирање на филмското творештво, Х.ОСФАФ, 1982), “ Заробеници на времето и просторот“ ( Златна плакета РФАФ, 1983), “ Третиот брег на реката“, “ Пост скриптум“,“Qvo vadis, Вевчани?“( Сребрена плакета, РФАФ, 1988) и други филмови. Исто така, се занимава и со научно-истражувачка работа во повеќе области. До сега, на овој план ги има издадено публикациите: “Печалбарството во Вевчани“ (ДНУ- Битола, 1988), “Светилиштата во Вевчани“ (2002), “Водич низ светилиштата во Вевчани“, (2003), “Вајтос и неговата околина во антиката“ (2004), “Диференцијален речник на Вевчанскиот говор“ (2009), а во подготовка има уште неколку проекти од областа на лингвистиката, топономијата, антропонимијата и фолклорот во Вевчани. По повод педесет години од неговото творештво во издание на Дијалог од Скопје објавена е книгата “Сотворенија и согледби-библиографски профил“ (2007).
Освен во Друштвото на писатели на Македонија, тој е член и во Македонското друштво за наука од Битола и во Центарот за карпеста уметност на Македонија и во други здруженија. За неговиот севкупен ангажман на полето на културата во 1884 година, доделена му е “Осмоноевмриската награда“ на општина Струга.