Културни настани
Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“
Цел на овој проект е секоја година да се собираат еминентни уметници од балканските и карневалските градови со кои соработува Вевчанскиот карневал, инспирирани од убавините на Вевчани и негобите извори да создаваат уметнички дела кои ќе придонесат за меѓусебно запознавање и зближување.
Природните ресурси и локалитетите со кои изобилува Вевчани, Вевчанските извори – споменик на природата, богатото културно наследство преставуваат неповторлива инспирација за творење на ликовните уметници кои ќе учествуваат на Колонијата.
Културна манифестација "Топол културен бран"
Под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија секоја година за време на летниот период се одржуваат низа културни манифестации низ територијата на Република Македонија во рамките на проектот "Топол културен бран". Општина Вевчани континуирано учествува во овој проект организирајќи неколку културни манифестации кои имаат за цел да придонесат до збогатување на културно забавниот живот на граѓаните на Вевчани, но и да се збогати туристичката понуда на Вевчани во летниот период кое е посетувано од голем борој на домашни и странски туристи. За таа цел секоја година се организираат културно уметнички програми, монодрами, театарски претстави, детски забавни фестивали и други активности кои ќе продожат да се организираат и во иднина.
Меѓународен фолклорен фестивал ,, Пображење “ Вевчани
Меѓународниот фолклорен фестивал ,, Пображење“ Вевчани е во организација на Културно уметничкото друштво ,,Дримкол“ од Вевчани. Овој фестивал има посебно значење за организаторот и општината, со оглед дека е во насока на збогатување на културниот живот во населбата. Преку овој фестивал се развива и негува фолклорната традиција во државата, а истовремено представува и одличен придонес во зголемувањето на туристичката понуда во Вевчани.
Вевчани со векови го негува и презентира фолклорното творештво на македонскиот народ. Учестници на фестивалот се еминентни фолклорни ансамбли од земјава и странство. Фестивалот се случува во пресрет на Вевчанската слава Преображение Христово од каде и доаѓа името на фестивалот.
Новогодишен концерт на Културно уметничкото друштво ,, Дримкол“ Вевчани
Новогодишниот концерт на Културно уметничкото друштво ,,Дримкол“ се одржува традиционално секоја година во предвечерието на познатиот Вевчански карневал. Во него учествуваат ансамблите на КУД ,,Дримкол“ кои квалитетно и достоинствено го презентираат фолклорното богатство на македонскиот народ преку богатата носија, изворните инструменти и разните кореографии од сите играорни подрачја на нашата држава.КУД ,, Дримкол“ преку овој концертпредизвикува големо внимание кај сите генерации во Вевчани и има оставено траен белег во Вевчанскота култура и традиција.
Августовски сеќавања
Во сеќавање на познатиот Вевчански случај 1987 година кога тогашната власт имала намера да ја каптира водата од Вевчанските извори и истата да ја однесе до елитната населба Елен Камен каде што се наоѓале вилите на тогашните челници, секоја година општината во текот на летниот период во траење од неколку дена организира разновидна културна програма. Во текот на деновите 07 и 08 Август се организира неколку културни настани кои имаат за цел да придонесат кон збогатување на културно забавниот живот на жителите на општина Вевчани и сите посетители кои во моментот го посетуваат Вевчани. Ваквите настани ја надополнуваат туристичката понуда на Вевчани како една од водечките стопански гранки. Во рамките на оваа културна манифестација се ораганизира различна програма која вклучува културно уметнички програми, монодрами, театарски престави, детски забавни фестивали и други активности кои ќе продолжат да се организираат и во иднина. Дел од овие културни настани имаат и меѓународен карактер поради учеството на културно уметнички групи и индивидуални културни уметници од странство. Посебен интерес привлекуваат театарските престави на домашните театри кои своите претстави ги прикажуваат на отворена сцена во центарот на Вевчани и истите се масовно посетени. Покрај тоа се организираат и вечерни коцерти со домашни естрадни уметници, детски фестивали и други содржини со цел да се задоволаат потребите и интересите на различните возрасни групи.