Историја
Историјат на општината
До 1953 година Вевчани имаше своја општина,заедно со селата Октиси и горна Белица. Од 1953 до 1956 година е приклучено кон општина Велешта, а нешто подоцна кон општина Струга. Оттогаш трипати е поднесувано барање за формирање на општина 1969 ,1981 и 1990 година.
Општината е обновена 1996 година со донесувањето на Законот за територијална организација на Република Македонија со што Вевчани со површина од 35 км2 и 2500 жители е единствената општина во Р. Македонија со едно населено место. Општината почна да функционира од 1997 година со формирањето на нејзините органи и тела, по изборите за локална самоуправа.
Специфичноста и посебноста на вевчанскиот идентитет се гледа и низ призмата на Вевчанскиот карневал, Референдумот за прогласување на Република Вевчани во 1992 година, сопствените пасоши и парите (личници).
Името на општината
Името на Вевчани произлегува од чисто словенски збор. Тоа е старословенскиот збор ВЕС (село), односно за жителите на тоа село СЕЛЧАНИ, а за ВЕС (ВЕСЧАНИ). Вака по пишуваното правило врзано за промените на зборовите во литературниот јазик, конечно се извела именката Вевчани.
Изворите говорат дека Вевчани е чисто словенска населба. Неговата прва локација не била денешно Вевчани. Таа се наоѓала нешто подалеку од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика - Селиште.
Вевчани е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога словенското племе Берзити (Брсјаци) го преплавуваат Струшкиот крај и ја населуваат локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица.
За тоа од кога ја сретнуваме населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите, има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамата,како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентирано од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики.
За населувањето на првите семејства и родови во Вевчани досега се што се знае се темели на претпоставки и легенди. Така, првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алул. Иако браќата се населиле на една локација во Вевчани, братот Алул го населил горниот крај на селото и ја создал семејната лоза Алуловци, додека, вториот брат Калан, го запоседнал долниот крај на Вевчани, во Долно маало, каде што денес живее семејната лоза Калановци.