Општи информации






До 1952 година Вевчани имаше своја општина, заедно со селата Октиси и Горна Белица. Од 1952 до 1956 година е приклучено кон општина Велешта, а нешто подоцна на општина Струга. Оттогаш трипати е поднесувано барање за формирање на општина 1969,1981 и 1990 година.

Општината е обновена 1996, година со донесувањето на Законот за локална самоуправа, а почна да функционира од 1997 со формирањето на нејзините органи и тела, по изборите за локална самоуправа.

За прв градоначалник на обновената вевчанска општина (есента 1996) е избран Васил Радиноски, новинар. Радиноски ја доби довербата на мнозинството граѓани и на вторите избори за локална самоуправа, есента - 2000 година.

Советот на Општината брои 9 члена и во него свои советници имаат поголем број на политички партии и движења.

Во Вевчани е формирано јавно претпријатие за комунална дејност "Еремија", а во фаза на конституирање и добивање на дозвола за работа е еколошкото радио.

 

Седиште на општината: Вевчани

Број на жители: 2433

 

Број на населени места: 1

Површина 35 км2

 

Контакт: 046-784-640

факс: 046-784-641

 

Вевчани се наоѓа на само 15 км од Охридското Езеро, сместено е под падините на Јабланица, во југозападниот дел на Република Македонија.

 

Се простира на површина од 35 км2, која е претежно ридско-планинска. Урбаниот дел на Вевчани е на н.в. од 800-950 м.

Вевчани брои 550 постојани домаќинства со 2433 жители и околу 300 викенд куќи.

Вевчани изобилува со голем број природни реткости и локалитети. Посебен белег му дава водата, која може да се види насекаде, но најдоминантна е во локалитетот “Вевчански извори“ – споменик на природата. Големо природно богатство се и шумите и живиот свет во нив, какои големиот број излетнички места како:

- месноста “Голина“ со глечерското езеро “Локва“ на 2000 м н.в.

- месноста “Мала ливада“ на која посебен белег и дава студената бистра изворска вода на н.в. од 1600 м.

- месноста “Јанков камен“, најубавото и најпосетеното излетничко место, богато со вода на н.в. од 1200 м.

 

Вевчани е познато и по културното богатство, како што е старата архитектура која што вевчанци ја носеле од разни краеви на светот што печалбареле.

 

Вевчани брои 19 цркви, манастири и параклиси, а централно место зазема црквата Св. Никола која е осветена 1876 година, а во која посебно место зазема иконостасот изработен од познатиот Дичо Зограф со тајфата, како и манстирот Св. Спас кој се наоѓа на надморска висина од 1310 м.

 

И покрај сите овие карактеристики, Вевчани во нашата земја и светот најпознато е по традиционалниот “Вевчански карневал“ стар колку што е старо и Вевчани – 1400 години. То се одржува секоја година на 13 и 14 јануари и преставува еден голем, отворен театар. Посетен е од голем број домашни и странски посетители.

 

Вевчани, а со тоа и РМ од 1993 година е членка на Светското карневалско здружение – ФЕЦЦ и таму Република Македонија е примена под уставно име во период кога нашата земја се бореше за меѓународна афирмација.

 

Во текот на годината, Вевчани е посетено од голем број туристи кои секогаш кога си заминуваат имаат само една желба-повторно да го видат Вевчани.

 

Посебно како развоен потенцијал за Вевчани се смета туризмот. Ова од причини што Вевчани со своите природни карактеристики отвора големи можности за развој на зимските спортови.

 

Планината Јабланица изобилува со природни терени за зимски спортови и тоа почнувајќи од локалитетт Јанков камен, кој се наоѓа на 1200 м н.в. се до месноста Голина на 1800 м н.в.

 

Ова се предели каде што снегот се задржува и до 6 (шест) во година, а заштитени се од поголеми ветрови.

Од ветровите во мал дел од годината можат да се забележат ветровите кои дуваат од североисток и југозапад.

Висината на снежните врнежи достигнува и до 2м. Апсолутната минимална температува во зимските месеци изнесува до -20 С.